Изложеност и превенција од заразни болести при работата на вработените

од Игор Дамчевски

Процедурите за контрола на изложеноста на заразни болести не се задолжителни само за медицинските работници, тие се задолжителни и за вработените во хотелско-угостителската индустрија.

Патогените бактерии кои се пренесуваат преку крв се заразни микроорганизми кои можат да предизвикаат заболувања кај луѓето, како Хепатитис Б, Хепатитис Ц или ХИВ. Хотелскиот персонал многу лесно може да биде изложен на овие патогени бактерии, главно преку повреди од медицински игли фрлени во корпите за отпад или преку контакт со телесни течности при чистење на хотелските соби.

Хотелите по дефиниција им обезбедуваат на гостите, подолг или пократок, привремен престој; затоа, ова обично резултира во значителна потенцијална изложеност на персоналот на заразни бактерии. За жал, хотелите сеуште немаат доволно обука околу оваа тема за безбедност на вработените. Патогените организми се наоѓаат во телесните течности. Примери на телесни течности се: крв, семена течност, урина, солзи, повраќање, итн.

Вработените се изложени на ризик

Гостите кои престојуваат во хотел, исто така, ги внесуваат и своите лекарства, кои пак може да влкучуваат и медицински игли. Исфрлањето на употребените игли, од самите соби или корпите за отпад, станува обврска на вработените во одделот за хигиена, што претставува ризик доколку несоодветно манипулираат со истите.

Изложеноста на патогени бактерии, кои се пренесуваат преку крв, во хотелската индустрија е значајна.
Телесните течности присутни во хотелот не се секогаш видливи, што претставува дополнителен проблем за вработените.

Хотелиерите мора да го разберат проблемот и да го минимизираат ризикот во однос на изложеноста на персоналот на потенцијалните инфекции. На пример, обезбедувањето специјални кантички во хотелските соби, каде гостите можат безбедно да ги фрлат искористените медицински игли, е еден од најважните аспекти за минимизирање на ризикот.

Обуката е исто така многу важен аспект кога станиува збор за безбедноста на персоналот. Вработените треба да бидат соодветно обучени за тоа како да ја идентификуваат можната изложеност на инфекции и да имаат добро познавање за заштитна опрема што треба да ја носат при чистење на просториите. Треба да разберат како да ракуваат и како да фрлаат игли, завои или други материјали што може да имаат телесни течности на нив.

Обуката е клучна!

Обезбедете им на вработените соодветна обука во врска со превенција од инфекции. Иако сите вработени треба да имаат општо познавање за заштита од инфекции, персоналот од одделот за хигиена во хотелот треба да добие детална обука за ризикот и начините на превенција од заразни болести. На персоналот, исто така треба да му биде обезбедена соодветна опрема за работа, како ракавици, специјални корпи, ќеси и сл.

Воведувањето Стандардни Оперативни Процедури за управување со ризици во хотел е од исклучителна важност кога станува збор општата безбедност на вработените и гостите. На тој начин сите инволвирани ќе имаат јасна претстава што треба да преземат за превенција или во случај на несакана ситуација, поврзана со соодветната опасност.

Иако опасноста не може во целост да се елиминира, потребно е на гостите да им се обезбеди можност за безбедно одлагање на критичниот отпад кој може да биде преносител на патогените бактерии. Истовремено, персоналот кој е најизложен треба да поседува знаење и опрема за безбедно спроведување на процедурите кога се работи за ракување со критичен отпад и можни заразни материи.