КАТЕГОРИЗАЦИЈА НА ХОТЕЛИТЕ

од Игор Дамчевски

Што е стандардизација

Стандардизацијата е постапка на донесување и примена на стандарди, технички нормативи и норми за квалитет. Под притисок на растечките трошоци и сè поголемото заострување на барањата за ефикасно работење на домашниот и странскиот пазар, се доаѓа до сознание дека без пропишани стандарди како индикатор на квалитетот на услугата, не се можни оптималното задоволување на гоститете и рационалното работење во хотелиерството. Воведувањето на меѓународни стандарди во хотелите придонесува за зголемување на конкурентноста и деловната успешност на хотелското работење.

Зашто стандардизација  

Стандардот   дефинира   однапред   пропишана   квалитативна   и квантитативна големина.Кога стандардизацијата е спроведена во еден хотел, корисникот на услугите во хотелот е сигурен дека секогаш ќе добие производ или услуга со еднакви својства на промовираните. Суштината на примената на стандардите во угостителството произлегува од сè поголемата побарувачка за квалитетна услуга и посовршен туристички производ. Стандардите ја одредуваат конкурентската способност на хотелиерството на странските пазари и го пропишуваат начинот и условите под кои се задоволуваат потребите и барањата на гостите.

Категоризација на Хотелско-угостителските објекти

Категоризацијата на угостителските објекти претставува диференцирање, односно класифицирање на објектите во рамките на еден ист вид. За разлика од класификацијата, каде врз основа на одредени критериуми се утврдуваат само минимални заеднички особености кои карактеризираат одреден вид, при категоризацијата се водедуваат нови критериуми врз основа на кои се означуваат разликите внатре во самиот вид.

Категоризацијата на хотелот има за цел гостите однапред да ги запознае со услугите за сместување заедно со сите дополнителни услови, а најчесто и со нивото на цените на тие услуги.

Преку категоризацијата им се дава можност на различните платежни групи потрошувачи соодветен избор на категорија.

Припадноста кон одредена категорија претставува гаранција за квалитетот на услугите во поглед кон асортиманот кој е утврден со припадноста кон видот. Квалитетот кој се гарантира со соодветната категорија подразбира формирање на соодветна цена за тие услуги, која расте аналогно со подобрувањето на квалитетот на услугите и категоријата.

Најниската категорија дава гаранција дека е обезбеден минимумот во поглед на квалитетот на услугите, во рамките на одреден вид објекти.

Обично, основни критериуми при категоризацијата се карактеристичните технички елементи. Меѓутоа, постојат и нетехнички елементи кои се земаат како критериуми при категоризацијата, а кои се сврзани, пред сè,  со кадровските стандарди, со квалитетот на усугите и сл.

Видот на објектите, условите за категоризирање, бројот на категориите и нивното означување се разликуваат од земја до земја.

Во нашата земја, категоризацијата на угостителските објекти се применува на хотели, туристички апартмани и резиденции и пансиони од подгрупата основни објекти за сместување, на кампови, куќи, станови и соби за издавање од подгрупата комплементарни објекти за сместување, како и на ресторани и други објекти за послужување од групата објекти за исхрана. Категоризацијата е задолжителна, а начинот на категоризацијата е пропишан со закон, од што произлегува дека угостителскиот објект, пред отпочнување со работа, треба да побара категоризирање.

Категоризацијата на објектите се утврдува во зависност од општите и посебните минимални услови кои ги исполнуваат тие објекти (уредувањето, опремата, квалитетот на услугите, кадарот и сл.).

Според удобноста, комфорот, квалитетот на услугите, стручната подготовка на вработените, знаењето на странски јазици на персоналот и според некои други критериуми, категоризацијата на хотелите најчесто се врши во определен број на категории. Означувањето на категоријата се врши со симболи. Ѕвездите се најупотребуваниот симбол, а покрај нив постојат дијаманти, круни и  други симболи за лесно препознавање на категоријата.

Припаѓањето на одредена категорија гарантира соодветен квалитет на техничко-технолошки и организационен-кадровски поглед, а со самото тоа, квалитет и во доменот на асортиманот и начинот на давање услуги. Квалитетот што го гарантира одредена категорија, сосема природно, повлекува и соодветна цена.


Преглед на категоризирани хотели во Р. Македонија
(извор: Министрерство за економија)